Испратено писмо за иницијативата за целосен PayPal

Писмо за иницијативата PayPal

Ова писмо е испратено до Министерството за финансии и до другите надлежни институции. Благодарност до сите што учествуваа во иницијативата со свој потпис и активности.
Испратено на 29 јуни 2017 во 11:30 часот!

Писмо до надлежните институции

 

 

Од иницијаторите за PayPal во Македонија

До

Министерство за финансии

бул. Даме Груев 12

Скопје, Република Македонија

н/р Д-р Драган Тевдовски, Министер

Скопје, 29.06.2017

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ПЛАТЕЖНИОТ СЕРВИС PAYPAL ЗА ПРОДАЖНИ МЕСТА ВО МАКЕДОНИЈА

Почитуван Министре Тевдовски,

Недостатокот на PayPal за продажни места во Македонија претставува пречка за развојот на претприемаштвото, не овозможува услови за поголем извоз на македонски производи и услуги во странство и се јавува потиштеност кај македонските стопанственици дека Македонија речиси секогаш назадува со современите текови во светот. Како што веројатно Ви е познато, Македонија е единствената земја во Европа (заедно со Црна Гора) која не го овозможува најпопуларниот сервис за платежни трансакции во светот - PayPal. Сево ова влијае на намалената иновативност кај македонските граѓани и тоа е една од причините што излезот го бараат во напуштање на земјата.

За да можеме да делуваме кон подобрување на состојбите во македонската економија, минатата седмица покренавме иницијатива за вовeдување на PayPal (www.paypal.com) за продажни места во Македонија. На иницијативата се одзваа преку 1000 правни и физички лица од кои околу две третини се согласија да бидат на листата што ќе ја доставиме како поткрепа на иницијативата. Од приложената листа на потписници на оваа иницијатива може да се согледа потребата од овој сервис во Македонија. Радува фактот што поголемиот дел се физички лица и се очекува поголемиот дел од нив да отворат бизнис токму преку PayPal.

 

Според официјалните лица од PayPal, во оваа организација постои подготвеност да ја внесат Македонија во светскиот ланец на земји кои подржуваат прием на пари преку PayPal на Интернет. Како што сме информирани од PayPal, банките не даваат зелено светло за поврзување веројатно највеќе заради ограничувањето во регулативата.

 

Бидејќи оваа проблематика влијае во повеќе сегменти од македонската економија и платниот систем, Ви се обраќаме прво Вам, како Министер на Министерството за финансии со цел да се обидете да спроведете постапка за овозможување на сервисот PayPal за продажни места. Во исто време копие од овој допис заедно со листата испраќаме и до други институции во Македонија кои мислиме дека се засегнати од оваа иницијатива и од кои е потребно да се покренат измени и дополнувања на законските прописи.

 

Во оваа прилика потсетувам дека во 2014та година, претходното државно раководство направи измени во законската регулатива при што се овозможи отворање на виртуелни сметки за поединци во Македонија (повеќе на линкот тука). За жал, преку овие виртуелни сметки може да се врши само плаќање преку PayPal, но не и прием на пари за продажни места. Ова во превод значи дека Македонските граѓани може само да купуваат со Пејпал, и со тоа само се зголемува увозот во Македонија. Продавањето на производи и услуги не е овозможено со Пејпал и со тоа се ограничува извозот на македонските производи и услуги на светскиот пазар.

 

Сметаме дека промената и дополнувањето на законските прописи нема да предизвика голем напор за службите, а придобивките за сите ќе бидат огромни како на пример, формирање на фирми, вработувања и враќање на пејпал продажните места од странство во Македонија. Зголемен извоз значи и поголемо производство и девизен прилив во Македонија.

Почитуван Министре,

Се надеваме дека оваа иницијатива ќе ја прифатите и дека ќе се заложите да се изведе до крајот за многу кусо време. На економијата и' е потребна флексибилност и отстранување на пречките како би можеле нашите граѓани слободно да се посветат на креативноста и на директното учество во развојот на производи и услуги кои ќе се пласираат на светските пазари.

 

Во случај да Ви се потребни дополнителни информации, Ви стоиме на располагање преку емаил адресата _________________ или на телефон _______________.

Со почит,

Венко Глигоров

Во име на иницијативата за PayPal во Македонија

Копие: Кабинет на вицепремиерот на Влада на РМ одговорен за економски систем, Народна Банка на Република Македонија, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за економија

Прилог: Следи листа со потписи

Вашите коментари и споделувања се добредојдени. Благодариме!

Овозможено од

Повеќе за иницијативата има тука.

Преземи мобилна апликација од Google.

Преземи мобилна апликација за Android
Преземи од Google Play